Москва останува отворена за преговори за Украина, но се работи за мир, а не за примирје, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
-Постојано говориме, меѓу другото на највисоко ниво, дека Русија останува отворена за преговори. Сепак, треба јасно да се разбере дека се работи за мир, а не за примирје. Нема смисла да се даде пауза на противникот што повторно ќе ја искористи за прегрупирање и вооружување – нагласи Лавров.
Тој нагласи дека теоретски постои можност за „забрзување“ на политичкото решавање на украинската криза.
За да се случи тоа, потребно е Западот да престане да ја пумпа Украина со оружје, а Киев да престане со борбените операции. Колку побрзо тоа се случи, толку побрзо ќе започне политичко разрешување на ситуацијата – рече Лавров.
Тој исто така рече дека Русија ја смета идејата за свикување хипотетичка мировна конференција за украинскиот конфликт со учество на Москва и Киев како можно продолжување на напорите на Кина да создаде услови за решавање на таа криза.
– Го делиме ставот дека, пред сè, неопходно е да се елиминираат основните причини за кризата, да се обезбедат интересите на сите страни и тоа да биде проследено со постигнување договор заснован на принципот на еднаква и неделива безбедност. Уште еднаш нагласувам: тоа подразбира почитување на реалната состојба на теренот, што е одраз на волјата на луѓето што живеат таму – нагласи Лавров.
Сепак, како што додаде, тешко е да се замисли мировен дијалог, имајќи предвид дека „воената партија“ е на власт во Киев. Тој истакна дека на 30 септември 2022 година во Украина е воведена законска забрана за преговори со Русија.
-Таа партија се обидува, барем со зборови, да ја победи Русија на „бојното поле“. Во такви услови тешко е да се замисли дијалог за мир – посочи Лавров.
Тој исто така изјави дека САД станале соучесници во злосторствата на Киев.
– Во американската национална безбедносна стратегија Русија е означена како непосредна закана. САД и НАТО директно велат дека целта им е да и нанесат „стратешки пораз“ на нашата земја. Во овој контекст, судбината на цивилното население на руските градови не ја интересира Белата куќа, која стана соучесник во злосторствата на режимот во Киев – рече Лавров.