Но најновиот извештај на Комитетот за елиминација на дискриминација на Обединетите Нации се порачува Бугарија да ги преземе сите мерки за гаранција на правата на малцинствата на нејзина територија, вклучувајќи го и македонското малцинство, како и да ги отстрани сите бариери за регистрација на Македонците.
Се бара од Бугарија да ги преземе сите мерки за поттикнување на нивните активности и да соработува со малцинствата. Во извештајот е забележана и загриженост за постојаните пречки и одбивање на регистрација на македонските здруженија од страна на тамошната Агенција за регистрација и од судовите, врз основа на нивната македонска самоидентификација.
„Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците. Сепак, Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување“ стои во извештајот и се повикуваат бугарските власти да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права.
„Комитетот препорачува државата членка да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на ефективно уживање на човековите права од страна на лицата кои припаѓаат на етничките малцинства, вклучително и македонските и помачките малцински групи, вклучително и преку спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, релевантни на правото на слобода на изразување и слобода на здружување“.
До сега Европскиот суд за човекови права има донесено 16 пресуди во корист на македонските здруженија во Бугарија. Но официјална Софија до денес нема спроведено ниту една од нив.