Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да си поднесе оставка, оценува градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, по исклучително слабиот резултат кој го постигна партијата на актуелната градоначалничка на парламентарните избори одржани пред два дена.
Во објава на својата Фејсбук страница, Стефковски потсетува дека кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција, кој се избира на непосредни избори, извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник.
Како што вели градоначалникот на Гази Баба, во 2021 година Данела Арсовска е избрана за градоначалник на градот Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на парлементарните избори Арсовска преку нејзината партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2584 гласови, па според него, со ваков резултат таа го изгубила кредибилитетот да продолжи да го води Скопје.
Скопје им припаѓа на скопјани, а не на Данела Арсовска. Скопјани ѝ порачаа на Арсовска дека е време да си замине! Затоа ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на градот Скопје, бидејќи тоа е волјата на скопјани. Време е Скопје да се врати на скопјани – порача Стефковски.