„Ние секогаш ќе бидеме Македонска православна црква, кој како сака нека нѐ ословува. Колку што сум информиран, не се бара од нас да направиме уставна промена заради промена на нашето име, туку само во меѓусебните релации, кога се обраќаме до Цариградската патријаршија, да се обраќаме како Охридска архиепископија“, изјави за ТВ Сител во Рим, митрополитот европски на МПЦ-ОА, г. Пимен, на прашањето поврзано со изјавата на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан дека се бара нашата Црква да го смени името, да се изостави зборот – македонска, како услов за да додели томос.
Владиката Пимен смета дека барањата од Вселенската патријаршија за добивање томос за автокефалност не се толку големи за да не може да се најде решение и вели дека тоа не е ништо ново.
„Тие беа трите услови – околу употребата на името, прашањето на имотите во дијаспората и сослужувањето со Украинската црква. Не се толку тешки тие работи, мислам дека со разговори може да се решат тие прашања“, вели владиката.
Тој истакнува дека и нему не му е познато зошто е ригиден ставот на МПЦ-ОА кон признавањето на Украинската црква и зошто Светиот синод би имал потреба да анализира. Можеби, вели, затоа што има извесен однос на сочувство кон Руската црква, но смета дека и тоа прашање е решливо.
За прашањето на отстапувањето на имотите во дијаспората г.Пимен вели дека тоа се имоти на црквата изградени од дијаспората, некои цркви се стари и еден век, за разлика од Украинската црква која нема имоти во дијаспората. Но, нагласува, и тоа не се бара изрично.
„Можеби изгледа прифатливо сега во неколкуте години кога многу Украинци се раселија низ светот некој да им даде црковни имоти. Но за нас е тоа неприфатливо нешто што се градело во минатото да се даде како на тацна. И ниедна црква не би дала свој имот. Архиепископот даде дообјаснување дека доколку сите други цркви би прифатиле да ѝ ја отстапиме дијаспората на Цариградската патријаршија, дека и ние би се вклучиле во тоа. Но, не е до толку страшно прашањето, затоа што не се бара отстапување на имотот. Се бара само начин како би им се признала нивната чест во православниот свет, на прво место. И верувам дека понатаму ќе ги разрешиме сите прашања и ќе бидат надминати“, нагласи епископот европски, г. Пимен.