Visa и Mastercard ќе ги продолжат ограничувањата на надоместоците за плаќање со картички од странски државјани во Европската унија за уште пет години, до 2029 година, објави во петокот Европската комисија.
За да се избегнат казни за прекршување на правилата за конкуренција на ЕУ, Visa и Mastercard се договорија во 2019 година да ги ограничат надоместоците за плаќања со дебитни картички на странски државјани во продавниците на ЕУ на 0,2 проценти. Тие, исто така, ги ограничија надоместоците за плаќање со кредитна картичка на 0,3 проценти.
Лимитот беше воведен по истрага на Европската комисија, врз основа на жалба од 1997 година на здружението на трговците EuroCommerce, и требаше да важи до крајот на оваа година.
Брисел во петокот објави дека гигантите во секторот платежни картички предложиле да се продолжи за уште пет години.
„Меѓурегионалните надоместоци за трансакции со дебитни и кредитни картички во овие мрежи ќе бидат ограничени во следните пет години, до ноември 2029 година“, најавија тие.
„Надоместоците за плаќање со дебитни картички во физичките продавници ќе продолжат да се ограничуваат на 0,2 отсто, а за плаќање со кредитни картички на 0,3 отсто. Во онлајн трансакциите и натаму ќе бидат ограничени на 1,15 отсто во плаќањата со дебитни картички и 1,5 отсто кај плаќањата со кредитни картички“, се вели во соопштението.
Visa и Mastercard поставуваат и наплаќаат надоместоци за „пеглање“ на картичките на трговците кои ги прифаќаат. Плаќањата со картички создаваат приходи за банките и другите издавачи на платежните картички, забележува Reuters.
Европската комисија, исто така, предупреди дека ќе отвори истрага доколку утврди дека ограничувањата за надоместоците повеќе не се соодветни.