Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, е во работна посета во Соединетите Американски Држави. Во состав на делегацијата што ја предводи премиерот Ковачевски се и Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, и Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Во рамките на работната посета, која почнува на 3 мај 2023 година (среда), по покана на претседавачот на Советот за безбедност на ООН, Швајцарија, предвидено е обраќање на премиерот Ковачевски на отворената седницата на Советот за безбедност во седиштето на организацијата на Обединетите нации во Њујорк.
За време на престојот во Њујорк, како дел од програмата за одбележувањето на 30-годишнината од членството на Северна Македонија во организацијата на Обединетите нации, премиерот Ковачевски ќе оствари средби со високи претставници на УНИЦЕФ и УНДП и ќе се обрати на приемот во ООН организиран по повод 30 години од членството на Северна Македонија во организацијата на Обединетите нации. Како дел од програмата за одбележување на 30-годишнината, премиерот Ковачевски во седиштето на ООН ќе учествува и на панел-дискусијата посветена на превентивна дипломатија, медијација и политика на пријателство. Воедно, премиерот Ковачевски ќе присуствува и ќе се обрати на настанот организиран по повод одбележувањето на Денот на македонскиот јазик.
Во Вашингтон премиерот Ковачевски е предвидено да оствари средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар, заменик-советникот за национална безбедност на САД, Џонатан Фајнер, советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, и со повеќе сенатори и конгресмени на САД. Премиерот Ковачевски воедно ќе оствари средба и со членовите на бордот на Атлантскиот совет (Atlantic council).
Како дел од работната посета на Вашингтон, премиерот Ковачевски ќе го посети престижниот Универзитет „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, каде што, по средбата со деканот Џејмс Стајнберг, премиерот Ковачевски ќе се обрати и ќе одржи предавање за предизвиците и можностите за Северна Македонија и земјите од Западен Балкан на нивниот европски пат имајќи ја предвид потребата за брз развој на регионот.
Во согласност со агендата планирана е и средба на премиерот Ковачевски со претставници на македонската дијаспора во САД.