Стихови од песни и цитати од Крсте Петков Мисирков, Петре. М. Андреевски, Кочо Рацин, блеснаа на фасадите на маркантни градби и државните институции за денот на македонскиот јазик.
Со светлечки видео проекции македонската азбука беше испишана на музејот на Град Скопје, Т’га за југ од Миладинов можеше да се прочита на ѕидините од Самоиловата тврдина во Охрид, Кога ја Љубев Дениција на фасадата на МНТ, а фасадата на Собранието беше осветлена со македонското знаме и стихови од песна на Тоше Проески.
Македонскиот јазик и азбука во центарот на вниманието и во Егејскиот дел од Грција каде живеат Македонци.
Центарот за македонски јазик издвои победа пред грчките судови и доби пресуда со која се овозможува конечно да се регистирира. Идејата за отворање на центарот е чекор повеќе во децениската борба да се овозможи учење и говорење на мајчиниот јазик во овие краишта, велат основачите на центарот во репортажата на Рацин.мк.
„Тоа го правиме за да може нашиот народ тука и нашата младина, коишто не можат да учат македонски во грчките училишта, да го научат јазикот и да можат преку интернет кој сака да го учи слободно јазикот. И не само тоа, велиме државата да преземе мерки македонскиот јазик да се учи во училиштата, во средното и на факултетите. Верувам дека ќе можат. Ама… сака борба, едноставно, но јасно.“
Загрижени од фактот дека младите немаат каде да го слушаат и на тој начин јазикот ќе се заборави, прават заложби првично да им се понудат лекции на интерет. По канонското признавање на црквата, побарале од Цариградската Патријаршија службите во црквите од овој крај, да се служат и на македонски јазик.
Одлуката на судот во Лерин ја поздравуваат и грчките универзитетски професори, кои сведочеа пред судот во Лерин за случајот со Центарот.
Оваа одлука од здружението „Виножито“ ја оценија како вистинско чудо, кое доаѓа по бројните добиени спорови, поплаки кои ги испраќале во Европскиот суд за човекови права. Добиени се повеќе случаи меѓу кои и за основање на Дом на македонската култура, што му претходеше на Центарот за македонски јазик.