„Не е коректно што уставните измени патуваат кон Собранието, стокмени напишани, по бугарски терк, а премиерот бара лидерска средба. Тоа значи дека не е искрена ниту неговата желба да се состанеме и да направиме вистински договор за иднината на оваа наша Македонија. Треба да дискутираме за нешто што веќе е напишано. Тие уставни измени лошо ќе завршат затоа што нема да добијат поддршка, но никој од власта не говори за времето што потоа. Јас ќе ви кажам, нема и не смее да има губење на време. Јасно ќе биде дека непоминувањето на уставните измени ќе биде дефинитивниот крај на оваа Влада , рече Мицкоски и потврди дека ќе оди на лидерска средба и дека на Ковачевски ќе му го каже токму ова што вечерва го кажа на собир во Кавадарци.
„Имаме власт која е во распаѓање, тотална анархија во институциите. Премиер кој наутро си пишува оставка и вели доста е, не можел да го издржи притисокот. Попладне доделува тендери, а навечер говори за тоа како ќе ја спасел Македонија и ќе ја внел во Европската Унија. Ниту неговото членство во него не гледа сериозен фактор, затоа што тие и не знаат кој вистински им ја води партијата. Но, да бидам искрен, кој и да е, едно е сигурно, најголемото влијание во СДС има и со Бихаќка управува Речица. СДС е киднапирана партија и слуга на вистинскиот и најголем партнер во владата, а тоа е ДУИ која 20 години е власт и со тек на годините станаа криминализирана група силно вмрежена и ухлебена во државните институции“, истакна Мицкоски и додаде дека ДУИ го поседува и претседателот на Македонија.
„Кога велам им го поседува претседателот, велам затоа што Пендаровски, изминативе 4 години и повеќе ја испушти можноста со своите постапки да биде претседател на сите граѓани, тој покажа и докажа дека е претседател само на оние малкумина кои уште го поддржуваат. Затоа велам им го киднапираа и претседателот на државата, а тоа е Пендаровски“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека човекот (Пендаровски) нема став кој не го промени. „Македонија има претседател во два облика. Првиот е оној кој се појавува на интервјуа и телевизија и говори она што сака да го чуе народот, а вториот облик е оној кој го среќаваме при носењето на одлуките, целосно спротивен од тоа што претходно го говорел“, рече Мицкоски.