Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) побара од Управниот одбор на Федералните резерви на САД (ФРА) и другите големи централни банки да го „одржат курсот“ на монетарното затегнување и да останат будни во борбата против инфлацијата. Ова на брифинг со новинарите го соопшти портпаролката на Фондот, Џули Козак, цитирана од Ројтерс и БТА. Козак, исто така, рече дека моментумот на американската инфлација е забавен, но и понатаму е вознемирувачки.
„Ако инфлацијата навистина се покаже дека е поупорна од очекуваното, тогаш ФЕД можеби ќе треба да ги зголеми каматните стапки на подолг временски период“, додаде таа.
Според неа, на 25 јули се очекува ММФ да објави ажуриран извештај за светските економски перспективи.
„Гледаме предизвици за глобалната економија на среден рок, а тоа бара да се преземат мерки на политиката сега“, препорача Козак и изрази уверување дека „централните банки мора да го продолжат курсот на затегнување на монетарната политика за решително да ја намалат инфлацијата“.
Коментирајќи ја американската инфлација, портпаролката на ММФ рече дека таа е забавена, но „останува итна загриженост“.
„Нашиот совет останува непроменет, имено дека ФЕД ќе треба да го задржи курсот на својата монетарна политика за да обезбеди трајно намалување на инфлацијата“, додаде Козак.