Триесет лица се уапсени синоќа по суровото тројно убиство во Градачац, кажа Рамо Исак, министерот за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина. Уапсените лица се доведуваат во врска со давање поддршка на Нермин Сулејмановиќ за време на преносот во живо на Инстаграм во кој ја уби невенчаната сопруга Невзета Сулејмановиќ.
Ранети се полицаецот Хусен Коториќ и граѓанинот Недим Памуковиќ, како и Хариса Ондер, сопруга на Џенгиз Ондер. Според најновите информации, Хариса Ондер се наоѓа во тешка состојба.
Убиецот Сулејмановиќ во живо го пренесувал суровото убиство на невенчаната сопруга, а бројни луѓе го поддржувале во тоа на социјалната мрежа.
Како што кажа министерот Исак, сè уште се работи на лоцирање на лицата кои му давале поддршка на убиецот и истакна дека синоќа од слобода се лишени триесетина лица.
„Отсекот за сајбер криминал веќе спроведува активности кои се однесуваат на евидентирање на лицата кои на социјалните мрежи ги поддржувале и величеле убиството и убиецот. Во моментов се работи на понатамошниот увид и чекаме официјални информации да видиме што и како понатаму“, кажа Исак за Дневни аваз.
Како што дознава Дневни аваз од извори блиски на истрагата, полицијата во соработка со надлежното обвинителство ќе почне постапка на лоцирање и документирање на сите поединци кои со своите објави ширеле омраза, давале поддршка, ги величеле убиството и убиецот, и тоа не само на Инстаграм туку и на сите други социјални мрежи.