Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков вели дека сѐ додека бугарските служби не работат проактивно, националната безбедност на Бугарија ќе биде загрозена и воедно нотира дека е жалосно што странските служби (мислејќи на македонските н.з) морале први да го откријат случајот со тројцата службеници на руската црква во Софија кои неколку години шпионирале во корист на Русија.
„Ако денес веќе знаеме дека бил шпион на руските служби, тој бил шпион на руските служби 5 години. Всушност, за ова зборуваме цело време. Дека додека бугарските служби не работат на начин, на проактивен начин – националната безбедност е всушност загрозена. Македонија не може да има подобри информации за руските шпиони во Бугарија од нашите служби“, рече Петков.
Тој рече и дека му е мило што сепак на крајот овие лица биле протерани од Бугарија, но останува фактот дека е недозволиво некој да шпионира 5 години и дури сега да биде откриен. Дополнително, на новинарско прашање дали им верува на свештениците кои од руска страна ќе бидат испратени во Бугарија во иднина, тој рече дека треба да се направат добри проверки, па потоа да се одлучи за следните чекори.
„Се надевам дека едноставно ќе испратат свештеници кои се таму за да ја исполнат својата улога како таква“. Лошата работа е што Бугарија повторно почнува да се појавува како центар на руски шпиони, што значи само едно. Бугарските служби не се доволно проактивни на оваа тема“,
изјави Петков.
Инаку, за потсетување, на 15 септември, порталот „Религија.мк“ пренесе дека забрана за влез во земјава добил и руски архимандрит. Според порталот, станува збор за шефот на руското црковно предворје во Софија, Васијан Змеев.
Змеев, како што пишува „Религија.мк“, е рускиот црковен претставник на Московската патријаршија, кој изминатава година имал интензивни посети на земјава и зачестени средби со високи претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Тој ја имал улогата на координатор на руските црковни политики на Балканот, со оосбено влијание во Бугарија и во С Македонија.
Вчера и бугарските власти соопштија дека шефот на руското црковно предворје во Софија, архимандритот Васијан Змеев, сега е протеран од Бугарија поради „закана за националната безбедност“. Покрај него, како што објави Амбасадата на Русија во Софија, од Бугарија се протерани уште двајца црковни службеници вработени во црквата „Свети Никола Мирликиски Чудотворец“.