Турција ќе ја обнови оштетената инфраструктура, болниците и школите во Газа ако се постигне примирје, кажа претседателот Реџеп Таип Ердоган. Побара нуклеарни инспекции на Израел за кој, според него, Анкара може слободно да зборува бидејќи нема чувство на вина кон Евреите како Германија.
Анкара ќе ја „обнови оштетената инфраструктура во Газа и повторно ќе ги изгради уништените училишта, болници и водената и енергетската инфраструктура“, кажа турскиот лидер.
Претходно неделава Ердоган го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да објави дали Израел има нуклеарно вооружување и денес повторно побара нуклеарни инспекции.
„Ние, како Турција, повикуваме на тоа. Израелското нуклеарно вооружување мора да биде темелно прегледано пред да биде касно“, кажа тој.
Ердоган кажа дека семејствата на заложниците кои ги киднапира Хамас писмено побарале да се интервенира за нивно ослободување. Турската разузнавачка агенција сега го проучува тоа барање, додаде тој.
Турскиот претседател, ден претходно, за време на посетата на земјата, сугерираше дека Германија го поддржува Израел во војната поради чувството на вина поради холокаустот. Берлин го спореди со Анкара, за која кажа дека може да зборува без пристрасност, пренесува Ројтерс.
„Израелско-палестинската војна не смее да се проценува низ психологијата на долг. Зборувам слободно бидејќи ништо не му должиме на Израел“, кажа на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Оние кои чувствуваат дека нешто му должат на Израел, не можат да зборуваат слободно. Ние не минавме низ процесот на холокаустот, немаме таква ситуација бидејќи нашето почитување на човештвото е поинакво“, кажа Ердоган.
Претходно неделава турскиот претседател го нарече Израел „земја на терор“ која врши воени злосторства во Газа и дека израелската војска во таа енклава извршила некои од „најподмолните напади во човечката историја“.
Шолц не му одговори директно на Ердоган во Берлин, но ја повтори германската поддршка на правото на Израел да се брани. „Во нашата земја нема место за антисемитизам, без оглед дали е тој политички или верски мотивиран“, кажа Шолц.