Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави денеска дека испраќањето дополнителни војници на НАТО на северот од Косово не значи дека се откажале од политичко решение за смирување на тензиите, пренесува „Анадолија“.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави денеска дека испраќањето дополнителни војници на НАТО на северот од Косово не значи дека се откажале од политичко решение за смирување на тензиите, пренесува „Анадолија“.
Столтенберг ова го изјави откако НАТО најави дека ќе испрати дополнителни 700 војници во мисијата КФОР на северот од Косово со цел да се осигура безбедност во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Како што соопштија од Алијансата, дополнителен баталјон е во состојба на готовност и ќе биде активиран ако има потреба.
Но, според Столтенберг, најсоодветното политичко решение е преку дијалог. Тој претходно изјави дека насилството го кочи и Косово и регионот и ги повика Приштина и Белград да преземат конкретни чекори за смирување на ситуацијата и спречување нејзина понатамошна ескалација.
Столтенберг најостро ги осуди неиспровоцираните напади врз војниците на КФОР на северот на Косово, при што беа повредени триесетина мировници. Тој објасни дека КФОР „ќе ги преземе неопходните чекори за нормализирање и осигурување безбедност“.
Меѓународните реакции против Косово уследија по акцијата на косовската полиција на 26 мај во три општини со мнозинско српско население на северот од земјата – Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ – за насилно обезбедување пристап до општинските објекти на новоизбраните градоначалници-етнички Албанци кои беа избрани на изборите со излезност од 3,5% и кои Србите ги бојкотираа.