Во пожар во ноќен клуб во Истанбул за време на негово реновирање загинаа најмалку 29 лица, соопштија официјални претставници во земјата.
Неколку лица, меѓу кои и менаџери на клубот, се приведени на распит.
Најмалку едно лице е згрижено во болница, се вели во соопштението на канцеларијата на гувернерот на Истанбул.
Ноќниот клуб „Маскарада“, кој беше затворен поради реновирање, се наоѓаше на приземјето и подрумот на 16-катната станбена зграда во квартот Бешикташ на европската страна на градот поделен од Босфорот.
Гувернерот Давут Ѓул за новинарите на местото на настанот изјави дека причината за пожарот е под истрага и се верува дека жртвите се вклучени во реновирањето.
Некои од нив починале во болниците каде итно биле пренесени со амбулантни возила, јави приватната телевизија НТВ.
Властите приведоа шест лица на сослушување, вклучително и менаџери на клубот и едно лице задолжено за реновирањето.
Ноќниот клуб беше затворен за светиот муслимански месец Рамазан, а неговите сопственици се обидуваа да ги завршат работите за реновирање навреме за празникот Бајрам следната недела, кој следи по месецот на постот.
Полицијата ја затвори областа додека електричната енергија и природниот гас во населбата беа исклучени како безбедносна мерка.
Градоначалникот Екрем Имамоглу рече дека властите ја проверуваат целата зграда за да ја проценат нејзината безбедност.
На местото на настанот се испратени голем број противпожарни и медицински екипи.
Ноќниот клуб ја нема добиено потребната дозвола за изградба и реновирање, информира Имамоглу.