13-годишниот К.К, момчето кое пред два дена во основното училиште „Владислав Рибникар“ уби осум свои врсници и училишниот чувар Драган Влаховиќ, а рани седум лица, до детаљ го испланирал масовното убиство, а истражувал и како да избегне затвор, покажало вештачењето на неговиот телефон, објави Блиц.
„Врз основа на истрагата се заклучува дека нападот на училиштето го организирал сега бидејќи знаел дека до 14-от роденден му остануваат нешто повеќе од два месеци и дека му останувало уште толку време да биде кривично неодговорен ако го изврши злосторството“, кажал за Блиц извор запознаен со случајот.
Исто така е утврдено дека К.К. ноќта пред масовното убиство гледал американски филм за масакр во училиште во САД.
Веселин Милиќ, началникот на Полициската управа на Белград, по убиството објави дека К.К. нападот го планирал еден месец.
„Плански и организирано ова било планирано еден месец“, кажа тој. Милиќ покажа и листа на деца која убиецот ја направил и планови на училиштето на кои ги одредил „приоритетните мети“. „Скицата изгледа како од видеоигра и хорор филм, што укажува дека детално планирал како да влезе во која училница“.