На помалку од десет часа од дуелот меѓу Партизан и Реал во Белград, ситуацијата е доведена до точка на вриење и сите со нетрпение го очекуваат почетокот на натпреварот.
Партизан води со 2-0, но она што се случуваше на претходниот меч во Мадрид, како и можноста по 13 години повторно да заигра на Ф4 од Евролигата, направи невидена еуфорија меѓу навивачите на овој тим. Партизан вчера објави дека преку системот за продажба на билети било забележано дека има 1.600 барања за влезница во секунда што е неверојатна побарувачка дури и за пославни и потрофејни клубови во Европа и светот. Директорот на белградска Арена, Горан Грбовиќ тврди дека организацијата на утрешниот натпревар му е најтешка откако е на оваа функција, пред пет години и дека се очекува рекорден број гледачи.
„Арената има свои технички можности, тука се и правилата на Евролига, но и Партизан како домаќин има сопствена конфигурација за организација. Висок е степенот на безбедноста, сметаме дека ова е вонредна ситуација, па ќе го зголемиме и бројот на редари и обезбедување,
Во арената ќе бидат присутни околу 25 илјади лица, тука спаѓаат и обезбедување, полиција, жандармерија и останати луѓе кои ќе се занимаваат со сервисни работи, но сепак далеку најмногу навивачи“, тврди Грбовиќ.
Реал Мадрид синоќа пристигна во Белград, најавена беше бессона ноќ за играчите на шпанскиот клуб и галама пред хотелот каде ќе престојуваат. Сепак, тоа е ништо во споредба со натпреварот кој утре ќе биде апсолутно во центарот на вниманието на европската кошаркарска јавност.