По поразот од Аталанта и двете реми средби со Милан и Монца, Рома денеска потврди дека полека губи сили во Серија А, и тоа во клучен дел од сезоната кога се брка топ четири пласман.
„Волчицата“ ќе има навистина тешка задача да се најде во Лигата на шампионите наредната сезона, додека Интер сега е многу поблиску до такво нешто откако попладнево успеа да го добие дербито на „Олимпико“.
Интер се покажа како многу позрел и подобар тим на дербито во Рим, максимално користејќи ги своите шанси, односно и подарокот кој го доби од Ибањез во вториот дел.
Одличната тимска акција која ја започна Брозовиќ заврши со гол во првото полувреме, а креатори на погодокот беа и Дамфрис и Димарко кој всушност ја смести топката во мрежата.
Овој гол на Интер им го донесе потребниот мир на гостите, кои потоа дочека и голема грешка на Ибањез во вториот дел. Дефанзивецот на Рома му ја подари топката на Лаутаро Мартинез, по што Аргентинецот беше несебичен и додаде до осамениот Лукаку.
Белгиецот потврди дека неговата форма е во нагорна линија и со голема самодоверба погоди за 0:2, па така сега Интер е четврти на табелата, додека Рома е седма со пет бода помалку (63 наспроти 58).