Ерлинг Халанд е прогласен за играч на годината во Англија од страна на Здружението на фудбалски новинари.
Репрезентативецот на Норвешка, кој оваа сезона постигна рекордни 51 гол во сите натпреварувања за Манчестер Сити, триумфираше со 82 отсто од гласовите од 800 новинари, што е најголем процент од гласовите што некој фудбалер го добил од почетокот на Премиер лигата. Букајо Сака од Арсенал беше втор, пред соиграчот Мартин Одегард и Кевин Де Брујн од Сити.
Во женска конкуренција, Австралијката Сем Кер стана првата играчка која ја освои наградата две години по ред, откако освои двојно повеќе гласови од Рејчел Дејли од Астон Вила. Третата е Лорен Џејмс од Челзи. Халанд и Кер ќе ги добијат наградите на церемонија на 25 мај.