По последното лигашко коло од Серија А и натпреварот помеѓу Милан и Верона, нешто неочекувано, Златан Ибрахимовиќ (41) се прости од фудбалот. Легендарниот шведски напаѓач не беше во составот на Милан за овој натпревар поради повреда на потколеницата со која долго време се мачеше, но беше на стадионот. Навивачите на Милан му посветија посебна кореографија нарекувајќи го бог, а по средбата шведскиот напаѓач со емотивно обраќање ги изненади сите и објави дека си заминува.
Ибрахимовиќ сега објави емотивна порака на Инстаграм во која им се заблагодари на сите со кои соработувал во кариерата. Тој посебно се прости од покојниот агент Мино Раиола.
„Започна со сон. Со сон кој невозможното го претвори во возможно“, започна Златан Ибрахимовиќ и продолжи:
“Роден сум во Малме. Пораснав во Амстердам. Станав помудар во Торино. Станав лав во Барселона. Пораснав во Милано и во Париз открив нови можности. Стекнав издржливост во Манчестер и се забавував во Лос Анџелес. На крајот најдов мир во твојот двор – Милано.
Ти ме создаде мене и целото наследство што јас го создадов се новите Златани. Сите оние кои имаат лавовско срце. Сите оние кои имаат оган во очите и сите оние кои вистински разбираат дека ништо не е невозможно.
Ти благодарам за се. Мино, успеавме. Возењето заврши. Тоа беше неверојатно патување. Ми недостигаш“, е пораката на легендарниот Златан.
Во два мандати, Ибрахимовиќ играше за Милан пет и пол години и одигра 169 натпревари со 93 гола и освои две Скудета и Суперкуп на Италија. Кариерата на еден од најдобрите напаѓачи на модерната ера траеше повеќе од две децении. Започна во Малме, а потоа играше за Ајакс, Јуве, Интер, Барселона, Манчестер Јунајтед, ПСЖ и ЛА Галакси. Тој освои шампионски титули со Ајакс, Јувентус, Интер, Барса и ПСЖ. Со Јунајтед ја освои Лигата на Европа.
Оваа сезона, поради проблеми со повредите, Ибрахимовиќ имаше само 144 минути на теренот во четири настапи, но стана и најстариот стрелец во историјата на Серија А, постигнувајќи гол од пенал против Удинезе во март. Стана најстариот играч кој се појавил во квалификациите за ЕП. Натпреварот против Белгија, се испостави, беше и негов последен.