Лучијано Спалети утре за првпат ќе ја води италијанската репрезентација, односно своето деби ќе го има во Скопје против нашиот национален тим.
Ова соочување ќе донесе и една интересна средба затоа што Спалети на другата страна ќе го има Елиф Елмас со кого имаше одлична соработка во Наполи, а колку стратегот го цени нашиот ас најдобар доказ за тоа е дека го чувствува како син.
-Елмас ми е како како син. Секогаш можев да сметам на него, тоа е играч од врвна класа. Во Наполи работевме постојано и мислам дека ќе имам силно чувство кога ќе го прегрнам, особено кога двајцата очекуваме победа. Станува збор за силен играч, кој ги познава нашите фудбалери, -истакна Спалети кој многу добро го анализирал дуелот од Палермо на кој ние успеавме да запишеме сензационална победа.
-Многупати го гледав мечот во Палермо што дури можам и да ви го раскажам до детал ако сакате. Секако дека извлековме добри заклучоци од тој натпревар, треба да ни послужат за утрешниот меч, -заклучи предводникот на „аѕурите“.