Новак Ѓоковиќ продолжува да ги „меле“ своите противници на УС Опен, откако српскиот тенисер на најдобар можен начин го прослави јубилејниот меч број 100 на американскиот гранслем турнир, обезбедувајќи пласман во големото финале. Новак вечерва за противник го имаше Бен Шелтон, младиот Американец кој на моменти покажуваше блесоци, но немаше сили за посериозен отпор кон големиот фаворит, па Ѓоковиќ рутински го доби мечот со 3-0 во сетови.
Шелтон се врати од 0-40 и три сет топки за Ѓоковиќ при 2-5 во првиот сет, но потоа пропушти шанса за брејк при 3-5 при сервис на Србинот, со што целосно ќе се врачеше во сетот. Новак знаеше како да го искористи тоа и го доби првиот сет со 6-3, а потоа одигра уште поимпресивно во вториот, стигнувајќи до два брејка и рутински славејќи со 6-2.Потоа, големиот фаворит го отвори и третиот сет со брејк, набрзина поведе со 2-0, но Шелтон собра сили да се врати и по два часа игра стигна до првиот брејк, израмнувајќи на 4-4. Американецот поведе со 5-4, резултат при кој не искористи и сет-топка на сервис на противникот. Ѓоковиќ не само што израмни на 5-5, туку и направи брејк за 6-5 но тоа не беше крај на возбудувањата. Новак пропушти една меч-топка на свој сервис, влезе во серјиа грешки и Шелтон успеа да израмни на 6-6. Во тајбрејкот Ѓоковиќ поведе со 5-1, Шелтон намали на 5-4, но Србинот ги доби последните два поена на сопствен сервис за конечни 7-4 и свое 36. гранслем финале во кариерата, десетто во Њујорк.
Негов противник во големото финале ќе биде победникот од дуелот меѓу Карлос Алкараз и Данил Медведев.