Најдобриот фудбалер на сите времиња Лионел Меси ја заврши првата (полу)сезона во дресот на Интер Мајами откако неговиот тим го одигра последниот меч од основниот дел, а не успеа да се пласира во плејофот.
Интер Мајами доживеа пораз во последниот натпревар од Шарлот со резултат 1-0. На стадионот во Северна Каролина, пред 66.000 гледачи, Меси, Бускетс и останатиот дел од екипата на Херардо Мартино не успеаја да постигнат ниту еден гол од многуте шанси што ги создадоа. Им пресуди голот на Кервин Варгас во 13 минута, а потоа следеа нереализираните прилики на Интер Мајами. Најубавата шанса ја имаше Меси во 62 минута кога од слободен удар ја погоди пречката.
На крајот, сезоната тимот ја заврши на 27 место со 34 освоени бодови. За Интер Мајами останува утеха што оваа сезона го освои Лига купот, како и тоа што играше финале во УС Опен купот. Индивидуално статистички Меси имаше учинок од 11 голови во 14 настапи во американската МЛС лига.