Интер не го дава врвот во Серија А, избраниците на Инзаги вечерва без многу проблеми го совладаа Удинезе и се вратија на првото место на табелата.
Резултатот беше отворен во 37. минута, Чалханоглу од пенал погоди за 1-0. Пет минути подоцна Димарко прецизно биеше по земја за 2-0, а пред крајот на првиот дел, Турам зголеми на 3-0 и веќе тука беше јасно дека трите бода остануваат во Милано.
На десетина минути пред крајот, Лаутаро Мартинез прецизно биеше од врвот на шеснаесетникот и ги постави конечните 4-0.
За Аргентинецот ова беше погодокот број 28 во Серија А во 2023 година, и од 2000-та па наваму, тој е само третиот играч на Интер по Бобо Виери и Диего Милито, кој може да се пофали со ваква бројка во една календарска година.