Екипата на Денвер Нагетс води со 1-0 во финалето од НБА лигата и му недостасуваат три победи за да ја освои првата титула во историјата на франшизата.
Тимот од Колорадо влезе во НБА во 1976 година, заедно со Индијана Пејсерс, Њујорк Нетс и Сан Антонио Спарс, а до оваа сезона немаше ни настап во големото финале. Сега, предводен од Никола Јокиќ е на пат да ја смени историјата, како на Нагетс, така и на НБА лигата.
Од 1979 година, шампиони на НБА лигата кога станува збор за тимовите од Западната конференција биле само од две сојузни држави: Калифорнија и Тексас. Тоа можеби и не е големо изненадување ако се знае дека оттаму доаѓаат дури седум од вкупно 15 франшизи: Лос Анџелес Лејкерс, Лос Анџелес Клиперс, Сакраменто Кингс, Голден Стејт Вориорс, Далас Маверикс, Сан Антонио Спарс и Хјустон Рокитс.
Последниот тим кој не е од овие две држави, а ја освоил шампионската титула е Сиетл Суперсоникс (во 1979 година), франшиза која во 2008 се пресели во Оклахома Сити.