Манчестер Сити го доби финалето во ФА Купот и освои нов трофеј во неверојатната натпреварувачка сезона, во која сега тимот на Пеп Гвардиола го дели само една победа од комплетирање на триплетата.
По освоената титула во Премиер лигата, Сити денеска ја оправда фаворитската улога и во финалето на „Вембли“, кое сепак за нијанса им припадна на „граѓаните“ кои го искористија подобриот старт во првото и второто полувреме.
Манчестер Јунајтед беше рамноправен противник и покажа дека забележа сериозен напредок под водство на Ерик Тен Хаг, но сепак се уште е зад големиот ривал од Манчестер кој има поход кон историска сезона.
Илкај Гундоган со фантастичен гол го отвори резултатот уште во 13-та секунда, па овој старт му го донесе потребниот мир на тимот на Гвардиола, кој доста лесно ги контролираше работите на теренот.
Тоа беше така до 33-та минута од средбата, кога Џек Грилиш играше со рака во својот шеснаесетник, по што Тирни покажа на белата точка и Бруно Фернандеш израмни на 1:1.
Со овој резултат се замина на полувреме, а стартот на вториот дел одново донесе подобар старт за Сити и повторно стрелец на голот беше Гундоган. Илкај зафати со лева еден волеј, па иако шутот не беше силен, топката некако заврши во мрежата на Де Хеа кој сигурно можеше да има и подобра реакција.
Ова се покажа како клучен момент во ова финале, во кое Јунајтед на крајот нападна со сите сили и го погоди и дирекот во судиското продолжение.