Во вторник, 6 јуни, Интер Мајами имаше 900 илјади следбеници на Инстаграм, во средата Лионел Меси (35) го потврди своето доаѓање во тој американски клуб, а во четвртокот бројката се зголеми на повеќе од шест милиони следбеници. Истото се случи и кога тој пристигна во ПСЖ во 2021 година, францускиот клуб собра 5,6 милиони нови следбеници на Инстаграм за една недела. Ова веќе го потврди неверојатното маркетиншко значење на доаѓањето на Меси во кој било клуб.
Да потсетиме, на Меси му истече договорот во ПСЖ, каде не беше среќен, а како слободен играч пристигна во Интер, клубот на пензионираниот фудбалер Дејвид Бекам. Иако се споменуваше враќање во Барселона, а и самиот призна дека сакал да се врати и било блиску до такво нешто, Меси изјави дека не се вратил во Барселона бидејќи не сакал нова неизвесност околу тоа дали ќе биде регистриран, но и да се посвети на семејството и да биде подалеку од притисокот.
Покрај социјалните мрежи, растот на популарноста на Интер Мајами е видлив и во цените на билетите. Првиот натпревар на Меси во МЛС може да биде на 21 јули, кога Мајами е домаќин на Круз Азул. Според компанијата за препродажба на билети, TickPick, во вторникот најевтиниот билет за тој натпревар чинел 29 долари (27 евра), додека еден ден подоцна, кога е потврдено доаѓањето на Меси, скокнал на 329 долари (305 евра).